Wednesday, July 8, 2020

Езера на планината Галичица

ВОВЕД 

Планината Галичица се наоѓа во југозападниот дел на Р. Македонија. Нејзините граници се природни и јасно одредени, со исклучок кон југ каде што ја преминува границата со Р. Албанија. Планината Галичица се издигнува како хорст помеѓу Охридско-струшката и Преспанската Котлина. Највисок врв е Магаро (2253 m). Геолошката градба на планината Галичица ја сочинуваат карпи со палеозојска, мезозојска и кенозојска старост. Карпите со мезозојска старост се претставени со филитоиди, гранодиорити, сиенодиорити и сиенити, мезозојските со тријаски карпи од кластично-карбонатната фација и карбонатнорожначката фација, како и магматски карпи со јурска старост, перидотити и серпентинити, и габро. Карпите со кенозојска старост се застапени со неогени седименти и тоа среден и горен плиоцен, и квартерни седименти кои што се претставени со езерски и барски седименти, глациофлувијални седименти, црвеници, делувиум и пролувиум. 
Во геоморфолошки поглед во релјефот се среќаваат површи, флувиоденудациони карстни површи, флувијалните облици, карстните облици (претставени со површински (шкрапи, вртачи, ували и карстни полиња) и подземни (пештери, пропасти и понори) облици), фосилен глацијален релјеф и нивационите процеси и облици. 
Во однос на климатските карактеристики анализите се вршени врз база на блиските и околните метеоролошки и дождомерни станици, пред се од Станковски С. и Василески Д. (Група автори, 1990), бидејќи на планината Галичица автоматска метеоролошка станица е поставена од пред неколку години на превојот Галичица. Просечниот вертикален температурен градиент изнесува 0,52 ºC на секои 100 m височина па според тоа температурата на воздухот на височина од 1000 m би изнесувала 9,3 ºC, на 1500 m 6,8 ºC, а на 2000 m 4,3 ºC. Во однос на врнежите, нивното количество се зголемува со порастот на височината за 70-80 mm на секои 100 m височина, па така на 1000 m височина просечно би паѓале по 800- 850 mm, на височина од1500 m по 1000-1100 mm, а на височина од 2000 m по околу 1200-1250 mm. 
Во однос на хидрографските карактеристики, истите се условени од геолошката градба на теренот. Во повисоките делови изворите се ретка појава и истите се се периодичен и повремен карактер додека како се оди кон подножјето, нивниот број се зголемува, па така во подножјето на планината во близина на манастирот Св. Наум се наоѓа најголемиот извор во Р. Македонија, изворите Св. Наум кои што го формираат езерото Острово со вкупна максимална издашност од 11 m3 /s (Стојадиновиќ, Шапкарев, 1962). Речните текови се ретки и истите се со периодичен и повремен карактер, меѓу кои, Боунска Река, Источка Река, Стипонска Река, Скребатска Река, Сушица и др. На планината галичица се јавуваат 12 порои, од кои 5 на преспанската страна и 7 на охридската страна. Поради отсуството на вода, на планината Галичица се изградени голем број на бунари, 4 цистерни и повеќе микроакумулации, за кои што ќе стане збор нешто подоцна. Поради својата географска положба, помеѓу двете наши најголеми тектонски езера, како и поради карактеристичната флора и фауна, дел од планината галичица (200 km2 ) во 1958 г. е прогласен за национален парк.

ЕЗЕРА НА ПЛАНИНАТА ГАЛИЧИЦА 

Поради специфичната геолошка градба, пред се од карбонатни карпи, чија што дебелина изнесува од 500-550 m, во високопланинските делови на Галичица отсуствува хидрографската мрежа. Природни езера се среќаваат во подножјето на планината Галичица и истите всушност претставуваат остатоци од поголеми лагуни кои што егзистирале во геолошкото минато. Поради отсуството на вода во високопланинскиот дел, за напојување на стоката во 30-те години од XX век се изградени повеќе микроакумулации. Врз основа на горенаведеното, во основа езерата на планината Галичица може да се поделат на природни и вештачки езера.

Природни езера

 Природните езера на планината Галичица можеме да ги поделиме на три групи, и тоа: постојани, периодични и повремени езера. Постојани се 2 езера, 1 е периодично езеро, а бројот на повремените заезерувања тешко може да се утврди.

 Постојани езера

 Постојани природни езера на планината Галичица се јавуваат само во нејзиното подножје, и истите претставуваат остатоци од поголеми лагуни кои што егзистирале во геолошкото минато. Тоа се езерото Острово и Стењското Езеро (Блато). Во минатото пред изградбата на автокампот Љубаништа, на таа локација постоела лагуна, која што со изградбата на кампот е целосно уништена.

 Езерото Острово се наоѓа покрај јужниот крај на Охридското Езеро во близина на манастирот Св. Наум. Ова езеро спаѓа во типот на лагуни, кое што Валилески Д. го издвојува како посебен поттип на крајбрежно-изворско езеро (Василески, 1995). Ова езеро е создадено со снижувањето на нивото на Охридското Езеро, при што некогашното заливче под дејството на брановите постепено е затворено со крајбрежен бедем широк околу 10 m. Езерото е долго 220 m, широко 140 m, а најголемата длабочина му изнесува 3,5 m. Помеѓу езерото Острово и Охридското Езеро постои краток површински водотек со должина од 12 m. Со вода се храни од изворите Св. Наум (кои што народот ги нарекува Изворите на Црн Дрим), односно, од 18 крајбрежни и 30 сублакустриски (подводни) извори чија што вкупна максимална издашност изнесува 11 m3 /s (Стојадиновиќ, Шапкарев, 1962). Во езерото се наоѓаат два острова, од кои што помалиот се користи како ресторан, а поголемиот е целосно обраснат со шума. При мојата посета на 27. 08. 2004 г. температурата на водата на крајбрежните извори се движеше од 10,7-11,5 ºC, а pH вредноста се движеше од 6,9-7,1, во најголем дел 7,0. Температурата на водата во средишниот дел изнесуваше 11,6 ºC, pH вредноста 7,0, а на излезот од езерото температурата на водата изнесуваше 11,8 ºC, а pH вредноста 7,2. Езерото Острово во однос на Охридското Езеро се однесува како криптодепресија, бидејќи неговото ниво е повисоко од нивото на Охридското Езеро во просек за 0,56 m, додека дното во просек му е пониско за 2,94 m од нивото на водата во Охридското Езеро. Во минатото се правени многу обиди за да се утврди потеклото на водите во изворите Св. Наум. Претпоставките биле дека нивното потекло е од водите на Преспанското Езеро, кое што е повисоко за околу 160 m од Охридското Езеро, кои што понираат низ карстните масиви на Галичица во Мала Преспа на повеќе локации (Завир, Врагодупка и др.), па имало и обиди тоа да се докаже и со уфрлање на боја во понорите (Цвијић, 1911). Конечно во почетокот на 80-г од XX век, со примена на природни изотопи е докажано дека партиципацијата на Преспанското Езеро во водите на изворите кај Св. Наум е cca 42 % и претставува 25 % од вкупно дренираните преспански езерски води кои што понираат низ варовничките маси на Галичица (Ановски и др., 1987).
 Езерото Острово претставува строго заштитена зона во рамките на националниот парк Галичица.

 Стењското Езеро (Блато) се наоѓа кај с. Стење кај Преспанското Езеро. Спаѓа во видот на мочуришни езера. Од Преспанското Езеро е одделено со песочен бедем широк 100 m. Јаковљевиќ (Јаковљевић, 1933) наведува дека истиот е долг 400-500 m, но сметам дека истиот е многу подолг 1,5-2 km и го одделувал целиот Стењски Залив од Преспанското Езеро, а со засипување со нанос и поради спуштањето на нивото на Преспанското Езеро, од големата лагуна останал само нејзиниот најдлабок дел. Има елиптична форма со правец на протегање северозапад-југоисток, со максимална должина од 618 m и максимална широчина од 393 m. Зафаќа површина од околу 20 ha која што во текот на годината варира, а 101 максималната длабочина му изнесува 3,5 m која што исто така варира. Во зависност од височината на нивото на Преспанското Езеро тоа е повремено се поврзува со истото. Езерото Острово (Ангеловски, 2004) Последната комуникација на блатото со Преспанскто Езеро била во 1941-1942 г. кога поради високиот водостој песочниот бедем бил прекинат (Стојмилов, 2003). Денес поради ниското ниво на Преспанското Езеро (кое според официјалните податоци е -7,5 m под “0” кота) на патот кој што води по самиот срт на бедемот на суво е и цевката со пречник 300 mm која што е поставена за истекување на вишокот вода од блатото во влажните периоди. Во старите карти на НП “Галичица” истото е обележано како строго заштитена зона, но од пред неколку години со ревалоризацијата на строго заштитени те зони во паркот, истото е избришано од строго заштитена зона (наводно поради изградба на туристички комплекс) и не се споменува воопшто во публикациите на паркот. На 24. 05. 2004 г. длабочината му изнесуваше 1,5- 2,5 m, температурата на водата 14,7 ºC, а pH вредноста 6,1. Во најголем дел е обраснато со трска, шавар, жолта перуника и др.

 Периодични езера

 Од периодичните природни езера на планината Галичица постои едно езеро кое што има полигенетско потекло, односно во неговото изградување улога одиграле флувијалната и карстната ерозија. На планината Галичица, во близина на Стари Завој, во месноста Езерце, во влажниот период од годината се формира периодично езерце, кое го нареков Завојско Езеро  Дното на Завојското Езеро обраснато со шамак (Ангеловски, 2008) Езерото е формирано во изворишните делови на Рувче Река во теренот изграден од плочести варовници со рожнаци, кои се прекриени со делувијален нанос од метапесочници. во средишниот дел се  наоѓа мала вртача со дијаметар 50 sm и длабочина од 20 sm. Во сушниот дел од годината дното на езерото е обраснато со шамак. За врема на нашата посета на 16. 06. 2009 г. езерото беше без вода, но дното беше влажно. Според трагите од заезерувањето, утврдивме дека истото е со должина од 41 m (во правец СЗ-ЈИ), максимална широчина од 28,8 m (во правец СЕ-ЈЗ) и длабочина од 30 sm. Површината на езерото во овие димензии изнесува околу 944,7 m2 , а волуменот околу 283,4 m3 . Во некои периоди од годината езерото делува како проточно, бидејќи низ него протекува повремениот водотек кој се спушта од падините јужно од него. Со вода се храни претежно од врнежите и стопениот снег, како и со вода од повремениот водотек на Рувче Река.


 Повремени заезерувања

 После топењето на снегот, карстните полиња на планина Галичица, особено Ѓафа и Суво Поле се поплавуваат, по кратко време водата се повлекува, а во вдлабнатините и во алувијалните вртачи по дното се формираат заезерувања. Ваквите заезерувања се најчести во карстното поле Ѓафа. До нивно формирање најчесто доаѓа поради неможноста на понорите по дната на алувијалните вртачи да ја примат сета вода која што се слева во нив. Голем број од ваквите заезерувања се искористени за изградба на микроакумулации, за кои што ќе стане збор нешто подоцна. Овие заезерувања не се целосно истражени и целосно евидентирани. Првото вакво заезерување се наоѓа веднаш после локвата Ѓафа, движејќи се кон југ, кој всушност претставува алувијална вртача со понор кој што не може целосно даја прими водата од стопениниот снег. При мојата посета на 02. 04. 2004 истото имаше кружен облик со должина 3,9 m, широчина 3,4 m, длабочината изнесуваше 0,8 m, но се забележуваа траги од поголемо заезерување со дијаметар околу 10- 11 m. Температурата на водата изнесуваше 16,3 ºC, а pH вредноста 6,9. При мојата втора посета на 09. 04. 2004 г. водата беше целосно повлечена, а вртачата беше сува. Останатите локации се во близна на локвата Црвена Земја, помеѓу локвите Црвена Земја и Долна (кое што има специфичен бубрежест облик) и јужно од локвата Долна. Според кажувањето на Ристо Ламбески од с. Елшани, типично заезерување се формира во чиниестата алувијална вртача-понор во централниот дел на карстното поле Суво Поле. Имено снегот кој што се топи од околните падини на Суво Поле прави водотеци, од кои најголеми се оние од Бугарска Чука (1801 m) и од долината кај Мечкина Локва. Водите кои што се слеваат во вртачата прават заезерување, а поради понирањето водата во него постојано кружи. Вртачата е со дијаметар од 50 m и длабочина од 2,5 m, а истата месното население ја нарекува Црвена Земја (овде треба да се направи разлика со микроакумулацијата Црвена Земја во карстното поле Ѓафа). Поради специфичните климатски појави во последните 30-тина години, оваа појава не е забележана. Јужно од селото Илино, во месноста Влек се формира вакво повремено заезерување со дијаметар од 6-7 m кое што со вода се храни од дождовите и топењето на снеговите. за негово искористување во непосредна близина е изградено хранилиште за дивеч.

 Вештачки езера

 Во подножјето на планината Галичица се јавува само една мала акумулација, а додека за изградба се планирани уште две мали акумулации кои што би служеле за наводнување. За напојување на стоката во високопланинските делови на планината Галичица во 30-те години на XX век се изградени повеќе микроакумулации.

 Мали акумулации

 Малата акумулација Рудник или Езерце, всушност претставува напуштен површински коп на јаглен. Создадено е во почетокот на 80-те години на XX век со експериментален коп на јаглен во плиоцените седименти од страна на текстилната фабрика “Преспатекс” – Ресен. Езерото има неправилна трапезоидна форма со должина 150 m, широчина 78 m, максимална длабочина од 16 m, при што зафаќа површина од околу 9 360 m2 и волумен од 149 760 m3 вода. При мојата посета на 26. 05. 2004 г. температурата на водата изнесуваше 18,4 ºC, а pH вредноста 6,4-6,5. Во западниот дел е обраснато со трска. Водата од езерото се користи за наводнување и спортски риболов на крап, со кој што истото е порибено. Со вода се храни од изданот во кој што е всечено, како и со вода од врнежи.

Малата акумулација Рудник (Езерце), (Ангеловски, 2004) Во сливот на Боунска Река се планира изградба на мала акумулација со височина од 18 m, широчина на круната од 3 m, должина 135 m и вкупна запремнина од 720 000 m3 вода од кои 546 000 m3 вода би била корисна вода, а 15 550 m3 вода како мртов простор. Водата од оваа акумулација во основа ќе се користи за наводнување на 270 ha земјоделски површини засадени со овоштарници, како и за добивање на електрична енергија, во одредени случаи за рибарство и други потреби (Група автори, 1990). Во сливот на Источка Река исто така се планира изградба на мала акумулација, со височина на браната од 18 m, корисна зафатнина од 700 000 m3 вода. Водата од оваа акумулација ќе се користи за наводнување на 208 ha обработливи земјоделски површини, пред се засадени со овоштарници и за други потреби (Група автори, 1990).

 Микроакумулации

 Поради недостатокот на вода за напојување на стоката во високопланинските предели на Галичица, по директна наредба на Кралот на Југославија, во 30-те години на XX век се изградени поголем број на микроакумулации. Овде се напасувале преку 100 000 грла овци. Како локации се избрани местата каде што повремено се заезерувала водата по дната на карстните полиња, во скарстените речни долини, како и во поголемите вртачи. Истите се градени со наизменично редење на слоеви црвеница и волна и набивање со помош на коњи. При секое напојување стоката се пуштала низ локвите за дополнително да се набие подлогата, па така истите и се самоодржувале. Во текот на 50-те и 70-те години од XX век се извршени одредени санациони зафати, изградени се пумпи и бетонски водопоила. Но некои санациони зафати довеле и до нивно оштетување. Микроакумулациите на број ги има 23 од кои што 9 постојано имаат вода, 7 имаат периодично вода, а 7 имаат повремено или воопшто не држат вода. Од нив една е ѕидана, две се ѕиданоземјени, 4 се бетонирани (чиј што средишен дел е во вид на бунар и имаат заштитен прстен од ѕидани камења), а останатите се земјени. Микроакумулациите народот ги нарекува локви, па при опишувањето ќе бидат употребувани автентичните имиња, а дополнително ќе бидат дадени и имињата под кои што се среќаваат во литературата и на картите. Опишувањето ќе биде од север кон југ.

 Микроакумулацијата Петринско Поле се наоѓа на дното на една голема вртача под котата 1542 m. Таа е од земјен тип, кој со вода се храни од непосредната сливна површина, а поради неодржување и запуштеност, вода има само за време на топењето на снегот. Локвата има елипсоидна форма, со димензии 48 m должина, 27m ширина, а максималната длабочина изнесува 1 m. Нејзината површина изнесува 1 036,8 m2 .

 Микроакумулацијата Горни Исток е сместена во полето кое се наоѓа помеѓу врвовите Бигла и Црвен Камен, на самиот пат кој води кон врелото Горни Исток, на 200 m од чешмата Горни Исток. Оваа микроакумулација е од земјен тип со елуипсовидна форма, со должина 23,3 m, широчина 13 m, длабочина 0,9 m и површина 242,32 m2 . На 21. 06. 2004 г. температурата на водата изнесуваше 26,3 4 ºC, а pH вредноста 7,1. Со вода се храни од непосредната сливна површина, како и од изданот во кој што е всечена. Во голема мера е исполнета со нанос и обрасната со барска вегетација и постојано има вода.

Микроакумулацијата Џафа (Ѓафа) е сместена во североисточниот дел на карстното поле Ѓафа. Таа е од ѕиданоземјена со димензии: должина 57 m, широчина 40 m, длабочина преку 1 m (месец април) и површина од 1 824 m2 . На 31. 03. 2004 г. температурата на водата изнесуваше 55,7 4 ºC, а pH вредноста 6,9. Со вода се храно од непосредната сливна површина, изворот Ѓафа, како и од преливот на блискиот бунар. Во јужниот дел е изградена пумпа со бетонски корита за напојување на стоката, а северно од неа има бунар. Околниот ѕид е доста оштетен. Таа постојано има вода.

 Микроакумулацијата Црвена Земја (Дупкана) сместена е во централниот дел на полето Ѓафа, во месноста Дупкана. Таа е најголема микроакумулација на Галичица, а е изградена од набиена црвеница, од каде што доаѓа и името. Долга е 86 m, широка 52 m, длабока 0,5 m, а има површина од 3 577,6 m2 . На 02. 04. 2004 г. температурата на водата изнесување 11,7 ºC, а pH вредноста 7,4. Со вода се храни од стопениот снег и дождовите што се слеваат од полето Ѓафа.

Микроакумулацијата Долна Локва е сместена во јужниот дел на полето Ѓафа, во месноста Долна. Таа има облик на латинската буква “V” бидејќи е доста оштететна од возилата кои во летниот период, кога таа е сува, низ неа си направиле пат, при што е оштетен долниот заштитен слој. Долга е 75 m, широка 30 m, длабока 0,4 m, со површина од 1 800 m2 . На 02. 04. 2004г. температурата изнесуваше 15,9 ºC, а pH вредноста 6,6. Со вода се храни од непосредната сливна површина, како и од преливот на блискиот бунар. Вода има периодично.

Микроакумулацијата Горна Локва (Дива Јасика) се наоѓа во месноста Дива Јасика и е од бетонски тип. Нејзината должина изнесува 25 m, широчината 20 m, максималната длабочина во средишниот бунарест дел изнесува 2,5 m и има површина од 400 m2 . На 19. 06. 2004 г. температурата на водата изнесуваше 22,6 ºC, а pH вредноста 7,2. Таа постојано има вода. Во нејзина непосредна близина има и бунар.

Микроакумулацијата Самоска Локва (Асан Ѓура) (Сл. 4) е сместена во карстното поле Асан Ѓура, на планинарската патека кој што води од планинарската куќа кон Самоска Пештера. Таа е од земјен тип и има кружна форма. Нејзината должина изнесува 37,8 m, широчината 37 m, длабочината 0,5 m, и има површина од 1 118,9 m2 . На 02. 04. 2004 г. температурата на водата изнесуваше 14,7 ºC, а pH вредноста 7,6. Со вода се храни од непосредната сливна површина и има постојано вода.

Микроакумулацијата Симонческа Локва во карстното поле Асан Ѓура, во полето помеѓу Гребенине и котата 1527 m. Таа е од ѕидан тип и има елипсовидна форма. Нејзините димензии изнесуваат должина 22 m, широчина 11 m, длабо;ина од 2,5 m и површина од 193,6 m2 . На 02. 04. 2004г. температурата на водата изнесуваше 9,0 ºC, а pH вредноста 6,5. Со вода се храни од изданот во кој што е всечена, како и од преливот на блискиот бунар. Во пролетниот дел на годината таа е од проточен тип, каде водата што истекува од неа понира во блискиот понор. Околу неа има пумпа со бетонски корита, а помеѓу бунарот и неа има земјени корита. Вода има постојано.

Микроакумулацијата Студино I е сместена во увалата Студино. Има траголна форма, сместена е во близина на бунарот Студино и е од земјен тип. Околу неа се забележуваат траги од поголемо заезерување. Нејзината должина изнесува 9 m, широчината 8 m, длабочина 0,4 m, има површина од 75,6 m2 . На 09. 04. 2004 г. температурата на водата изнесуваше 16,1 ºC, а pH вредноста 7,7-7,8. Со вода се храни од непосредната сливна површина, како и од преливот на блискиот бунар. Вода има периодично.

Микроакумулацијата Студино II е сместена во централниот дел на увалата Студино. Таа е од земјен тип со елипсовидна форма. Нејзината должина изнесува 54 m, широчина 30 m, длабочина 0,5 m, и има површина од 1 296 m2 . На 09. 04. 2004 г. температурата на водата изнесуваше 16,8 ºC, а pH вредноста 7,7. Со вода се храни од непосредната сливна површина, а во нејзина близина се наоѓа бунареста вртача која што најверојатно е продолжение на пештерата Самоска Дупка. Вода има периодично.

Микроакумулацијата Студино III е сместена јужно од Студино II. Таа е од земјен тип со елпосовидна форма. Нејзината должина изнесува 51 m, широчина 26 m, длабочина 0,45 m, и има површина од 1 060,8 m2 . На 09. 04. 2004 г. температурата на водата изнесуваше 20,7 ºC, а pH вредноста 7,7-7,8. Со вода се храни од непосредната сливна површина, а вода има само периодично.

Микроакумулацијата Студино IV е сместена југоисточно од Студино III. Таа е од земјен тип со кружна форма. Нејзината должина изнесува 20 m, широчина 15 m, длабочина 0,3 m, и има површина од 240 m2 . На 09. 04. 2004 г. температурата на водата изнесуваше 24,3 ºC, а pH вредноста 7,8. Со вода се храни од непосредната сливна површина, а вода има само периодично.

Микроакумулацијата Два Бунари сместена во месноста Два Бунари во една длабока вртача. Таа е од бетониран тип со бунарес дел во центарот. Обликот и е кружен со дијаметар 10 m, длабочина 1 m, и има површина од 80 m2 . На 09. 04. 2004 г. температурата на водата изнесуваше 1 ºC, а pH вредноста 6,8. При нашата посета во поголем дел беше испонета со снег. Со вода се храни од непосредната сливна површина и од преливот на блискиот бунар, а вода има периодично. Во околината има ѕидана ограда од камен и бетонски корита за напојување на стоката.

Микроакумулацијата Мечкина Локва е сместена во шумата Косто Бачило и југозападниот дел од Суво Поле. Таа е од земјен тип со кружна форма. Нејзината должина изнесува 14,5 m, широчина 13,6 m, длабочина 0,6 m, и има површина од 157,8 m2 . На 11. 05. 2004 г. температурата на водата изнесуваше 11,9 ºC, а pH вредноста 7,2-7,3. Со вода се храни од непосредната сливна површина, како и од блискиот бунар, а вода има преку целата година

. Микроакумулацијата Косто Бачило е сместена во месноста Косто Бачило и е од бетонски тип со бунарен средишен дел и ограда од камен и бетон. Таа има пречник од 18 m, длабочина 2 m, со површина од 259,2 m2 . На 19. 06. 2004 г. температурата на водата изнесуваше 23,5 ºC, а pH вредноста 7,3. Со вода се храни од непосредната сливна површина, како и од преливот на блискиот бунар. Таа е исполнета со нанос и во поголемиот дел е обрасната со барска вегетација. Вода држи преку целата година. Во нејзина близина има бетонско корито и ѕидан бунар.
 Микроакумулациите Симонческа Локва и Мечкина Локва

 Микроакумулацијата Црвен Камен е сместена во месноста Црвен Камен и е на најголема надморка височина од околу 1870 m. Таа е од земјен тип со кружна форма со дијаметар 36,7 m, длабочина 1,5 m, и има површина од 1 077,5 m2 . Таа во минатото држела вода преку цела година, а птици доаѓале дури од Охридското Езеро. Меѓутоа, месното население сакајќи да го исчисти наносот од неа, го оштетило заштитниот слој и истата сега не држи вода. Во нејзина близина има бунар.

Микроакумулацијата Зли Дол е сместена десно од превојот Галичица (1600 m) во бунарестата вртача Зли Дол. Таа е од бетонски тип со кружна форма и бунарест дел во средината. Нејзината должина изнесува 20 m, широчина 19 m, длабочина 1,5 m, и има површина од 304 m2 . На 25. 04. 2004 г. температурата на водата изнесуваше 8,7 ºC, а pH вредноста 8,3. Со вода се храни од непосредната сливна површина, и вода има преку целата година. На патеката кон врвот Магаро во месносна Липова Ливада (Липоња) се наоѓа микроакумулацијата Липова Ливада која што е оштетена, не држи вода и тешко може да се утврди нејзината локација.

Микроакумулацијата Глајшо е сместена увалата Поле до црквата Св.Спас. Целото поле во пролетно време е заезерено. Таа е од земјен тип со кружна форма со дијаметар 33 m, длабочина 0,6 m, и има површина од 871,2 m2 . На 11. 05. 2004 г. температурата на водата изнесуваше 22,3 ºC, а pH вредноста 7,6. Со вода се храни од непосредната сливна површина, изданот во полето и преливот од блискиот бунар. Вода има само периодично. Во поголем дел е обрасната со трева, а во средишниот дел со барска вегетација, па затоа тешко се одредуваат нејзините граници.

Микроакумулацијата Св.Атанасие е сместена под манастирот Св.Атанасие, кај с.Љубаништа.. Таа е од ѕидано-земјен тип со елипсовидна форма. Нејзината должина изнесува 20 m, широчина 6 m, длабочина 0,5 m, и има површина од 96 m2 . На 27. 08. 2004 г. температурата на водата изнесуваше 10,9 ºC, а pH вредноста 7,0-7,1. Таа е од проточен тип. Водата се користела за наводнување на Љубанишко Поле. Со вода се храни од изворите кои што се во неа и еден извор од страна

 Микроакумулациите Војтина I, II и III се наоѓаат во месноста Војтина, под изворите Крека и Попов (Велички) Клајнец. Поради близината на граничната линија тие се запоставени, обраснати со трева, не држат вода и тешко можеше да се утврди нивната локација. 

 ЗАШТИТА, РЕВИТАЛИЗАЦИЈА, И ТУРИСТИЧКА ВАЛОРИЗАЦИЈА НА ЕЗЕРАТА НА ПЛАНИНАТА ГАЛИЧИЦА

 Во однос на заштитата на езерата на планината Галичица треба да се обрне внимание врз туристичката инвазија врз природните езера, пред се на езерото Острово и Стењското Езеро (Блато). Со планираната изградба на туристичките развојни зони во овие делови ќе се уништи природниот амбиент, квалитетот на подземните води, ќе се загадат водите на овие езера, а на Стењското Езеро му се заканува и целосно уништување. Езерото Острово и сега е под закана од отпадните води од ресторанот кој што се наоѓа на помалиот остров, иако истиот е во строго заштитена зона на паркот. Потребно е целосно отстранување на ресторанот од островот и изградба на пречистителна станица за отпадните води од манастирскиот комплекс. Во однос на ревитализацијата, ова пред се се однесува на микроакумулациите, кои со мали санациони зафати би се обновиле, водата во нив би се задржувала подолго време, а заедно со ревитализацијата на бунарите, цистерните и чешмите во овие предели би се обезбедил дополнителен туристички мотив. Кај Долна Локва треба да се обезбеди нова патека, како возилата не би поминувале низ нејзиниот басен. Со иградба на асфалтен пат кој што би ги поврзувал преспанските села во подножјето на Галичица, би се олеснил животот на жителите во овој крај, како и комуникацијата помеѓу селата, а езерото Рудник би било и подостапно за спортски риболов. За подобра туристичка валоризација на езерата на планината Галичица, потребно е и нивно детално картирање и обележување на пристапните патеки. ЗАКЛУЧОК Планината Галичица се наоѓа во југозападниот дел на Република Македонија. Таа се издигнува како хорст помеѓу помеѓу Охридско-струшката и Преспанската Котлина. Високопланинскиот дел е изграден претежно од тријаски варовници чија што дебелина достигнува од 500-550 m, па поради тоа отсуствува хидрографска мрежа. Природни езера се среќаваат во подножјето на планината Галичица и истите всушност претставуваат остатоци од поголеми лагуни кои што егзистирале во геолошкото минато. Природните езера на планината галичица може да се поделат на постојани повремени и периодични. Постојани езера се Острово и Стењското (Блато), а периодично е Завојското Езеро. Вештачките езера спаѓаат во мали и мокро акумулации. единствена мала акумулација е езрото Рудник или Езерце кое што е создадено со експериментален ископ на јаглен. Поради отсуството на вода во високопланинскиот дел, за напојување на стоката во 30-те години од XX век се изградени повеќе микроакумулации, кои што се 23 на број.


Автор на текстот Александар АНГЕЛОВСКИ

 ЛИТЕРАТУРА 
1. Ангеловски А. (2011): Хидрографско-хидролошки карактеристики и водостопански проблеми во сливот на Коселска Река; магистерски труд (во ракопис), стр. 1-240, Скопје. 
2. Ановски Т. и др. (1987): Востановување на потеклото на водите од изворите на Дрим кај св. Наум, Охрид; Центар за примена на радиоизотопи во науката и стопанството, стр. 1-39, Скопје. 3. Василески Д. (1995): Класификација на езерата во Република Македонија според начинот на постанок на езерските басени; Географски разгледи, кн. 30, стр. 71-79, Скопје 
4. Група автори (1990): Извештај за проектот Пелистер и Галичица природни и социогеографски истражувања; ПМФ, стр. 1-348, Скопје. 
5. Јаковљевић Ј. С. (1933): Преспанско Језеро; Гласник Скопског Научног Друштва, св. XIX, стр. 76-94, Скопље. 
6. Стојадиновиќ Ч. Шапкарев Ј. (1962): Врелото на Црниот Дрим ("Острво") кај манастирот Св.Наум; Географски зборник, кн. III, стр. 27-46, Скопје 
7. Стојмилов А. (2003): Физичка географија на Република Македонија; ПМФ, стр. 1-320, Скопје. 8. Цвијић Ј. (1911): Основе за географију и геологију Македоније и Старе Србије; Књ. III, Српска Краљевска Академија, стр 689-1272, Београд. 9. Cohen A. S. (2003): Paleolimnology: the history and evcolution of lake systems; Oxford University Press, pp 1-500, Oxford.

No comments:

Post a Comment