Saturday, August 8, 2020

Србија

ГЕОГРАФСКА ПОЛОЖБА И ГОЛЕМИНА

 Република Србија е јужноевропска држава сместена во централниот дел од Балканскиот Полуостров, која кон север се поврзува со регионот Средна Европа. Таа граничи со 8 држави, и тоа: на југ со Македонија, на исток со Бугарија и Романија, на север со Унгарија, на запад со Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Во јужниот дел од Србија се наоѓа и покраината Косово, која во последните неколку години полека ги остварува долгогодишните аспирации за остварување на независност со воспоставување на свои институции и државни симболи, што е резултат и на силната меѓународна поддршка. Во овие граници Република Србија зазема површина од 88 360 км кв. (111-то место меѓу државите во светот). 

РЕЛЈЕФ

    Србија се одликува со разновиден релјеф. Младите планини се застапени во западниот дел, а покарактеристични од нив се: Златибор, Шар Планина и Копаоник. На Шар Планина е и највисокиот врв во државата (2 651 м н.в.). Во Југоисточниот дел се застапени стари планини, кои се дел од Родопските Планини, додека во источниот дел се застапени млади планини, кои се продолжение на Карпатите. Најголема низина во Србија е Панонската Низина, која се состои од три целини: Банат, Бачка и Срем. Од котлинските простори карактеристични се: Нишката и Метохиската. 
КЛИМА

    Најраспросранет тип на клима во Србија е умерено-континенталниот. Покрај него по долината на реката Бел Дрим, во југо-западниот дел од државата е застапена изменето-медитеранската клима. Во Панонската Низина е застапена континентална степска клима, а на планините над 1 000 м н.в. е застапена планинска клима.

ХИДРОГРАФИЈА

    Најголемо значење меѓу реките во Србија има реката Дунав. Таа има голем број на притоки, меѓу кои особено значајни се: Тиса, Сава, Велика Морава и Тимок. Реката Дунав е значајна за: речниот сообраќај, наводнувањето и хидроенергијата (особено кај Ѓердапската Клисура). Освен споменатите реки кои припаѓаат на Црноморскиот речен слив, во сливот на Јадранското Море припаѓа реката Бел Дрим, а на Егејското сливно подрачје реката Лепенец.

НАСЕЛЕНИЕ

    Во Србија денес живеат околу 9 милиони жители (од нив околу 2 милиони на Косово). (Според тоа се наоѓа на 96-то место во Светот). Освен Србите и Албанците (на Косово), во Србија застапени се и некои малцинства, како што се: Унгарци (во Војводина), Роми, Хрвати, Македонци и Бошњаци. Покрај големата концентрација на население во и околу главниот град, со голема густина на населеност се одликуваат и просторите на Панонската Низина и Косово. За населението на Србија карактеристична е и силно изразената емиграција на населението, особено во 90-тите години на XX век, кога се смета дека државата ја напуштиле над 300 000 жители.

НАСЕЛБИ

    Главен и најголем град во Србија е Белград, со над 1 200 000 жители. Други поголеми градови се: Нови Сад, Приштина (на Косово), Ниш, Крагуевац и Суботица.

СТОПАНСТВО

    Од стопанските гранки во Србија особено е развиено земјоделството, посебно во Панонската Низина и по долината на реката Морава, а намногу се одгледува: пченицата, пченката, сончогледот и шеќерната репка. Од индустриските гранки застапении се: прехрамбената, машинската, автомобилската и текстилната. И туризмот зазема свое место во стопанството на Србија, и тоа зимскиот туризам (на Златибор и Копаоник) и бањскиот туризам (Нишка, Врњачка, Врањска и Сокобања)

No comments:

Post a Comment