СТРАНИЦАТА Е ПОСТАВЕНА ПРВЕНСТВЕНО НА УЧЕНИЦИТЕ ДА ИМ ГО ОЛЕСНИ СОВЛAДУВАЊЕТО НА ТЕМИТЕ ОД ГЕОГРАФИЈАТА КАКО И ДА СЕ ЗАПОЗНААТ СО СВЕТСКИТЕ ВЕСТИ И ЗАНИМЛИВОСТИ ОД ГЕОГРАФСКИТЕ СОДРЖИ.

Посети

Wednesday, May 6, 2015

Сремуш (Див Лук, мечкин лук,Allium ursinum)


Во периодов, секој што обожава пролетна прошетка низ шумските разеленети предели, може да налета на еден од најпотентните антиоксидансни подароци од природата. Дивиот лук уште се нарекува и мечкин лук бидејќи мечките по разбудувањето од зимскиот сон, прво го бараат токму ова растение, полно со антиоксиданси за прочистување крвта, а исто така е деликатес и за дивиот вепар.
Припаѓа на иста фамилија како и питомиот лук, но најчесто се консумираат листовите кои ја имаат истата арома. Се консумираат и главиците и цветовите, но во пролетниот период пред да процвета, листовите се фаворити. Најчесто ќе го најдете во шумски предели, особено на места каде во почвата има многу влага.
Освен што ги има сите полезности за организмот како и обичниот лук , кај дивиот истите се далеку понагласени, па така малку диво лукче може да помогне во намалувањето на крвниот притисок, поседува силни антибактериски и антивоспалителни ефекти. Едно испитување спроведено во Германија покажало дека дивиот лук содржи 4.5 пати повеќе сулфурни соединенија (алицин) од култивираниот лук. Освен тоа има далеку повисок минерален и витамински контент.
Во природата постојат неколку растенија кои наликуваат на дивиот лук, но содржат отровни компоненти. Такви се мразовецот, момината солза, змиското грозје. Верувајте му прво на сетилото за мирис, ако почувствувате арома на лук кога ќе го протриете листот меѓу прстите, тогаш е див лук, во спротивно можеби држите потенцијално летално растение.
Значи сремуш, див лук, мечкин лук (Allium ursinum) е самоникната јадлива билка со исклучителна лековитост и широк спектар на дејствување. Спаѓа во 4 планетарни билки, а во 1996 год. е прогласена за медицинска билка на годината во Европа. Познатиот природонаучник д-р Кунцл вели дека ниту една билка на светот не е така делотворна во чистењето на цревата, желудникот и крвта како што тоа е дивиот лук. Дивиот лук содржи есенцијални масла богати со алин, изоалин и други сулфидни соединенија. Младите листови имаат 20-50 mg витамин Ц и околу 7% каротен.
Содржи алицин, еден од најмоќните антимикробни елементи во природата, па го нарекуваат и природен антибиотик. Поради високото количество на аденозин, дури 20 пати е полековит од обичниот лук.

Најдобар за берење е токму во април и мај, па кога ќе поминете низ патека со дискретна арома на лук отворете очи, активирајте раце и полнете кеси.

Лековити својства на дивиот лук

Дивиот лук го намалува високиот крвен притисок, ја намалува количината на липиди, триглицериди и холестерол и дејствува како антиоксиданс. Исто така, помага при настинки бидејќи има антибактериско дејство, штити од атеросклероза, не дозволува соединување на тромбоцитите и помага кај проблемите при чир на желудник. Дивиот лук помага во подобрување на циркулацијата, благотворно дејствува на срцето, има антимикробно дејство (спречува инфекции и го забрзува зараснувањето на раните), антиоксиданс (ги врзува слободните радикали и ги отстранува од ќелиите), го чисти организмот од штетни материи (пушење, алкохол и др.), покажува добро дејство кај респираторните заболувања (бронхитис, астма и др.) и зацелување на рани (дерматитис итн).
Ефикасен е против цревни паразити кај деца, а ја стимулира работата на желудникот и цревата. Исто така, помага и во елиминација на вишокот на слуз во белите дробови и така овозможува полесно дишење и искашлување. Oваа чудесна билка, која природата ѝ ја подарила и на Македонија во изобилство треба да се искористи на вистински начин.
Најдобро што можете да направите за својот организам е да отидете во чиста, незагадена природа и да го јадете дивиот лук веднаш, на лице место, 10-15 листови, и правете го тоа додека не процвета.

Начин на употреба

Можете да го додадете во чорба или супа за убава арома или да си ја потенцирате зелената салата, одлично оди во зелник или тавче со ориз, во секое јадење каде можете да замислите спанаќ или блитва или исушете го, па користете го како зачин. Останува само да поитате по нашите прекрасни планински предели, да се надишете воздух и да си наберете од овој пролетен дар.

No comments:

Post a Comment