СТРАНИЦАТА Е ПОСТАВЕНА ПРВЕНСТВЕНО НА УЧЕНИЦИТЕ ДА ИМ ГО ОЛЕСНИ СОВЛAДУВАЊЕТО НА ТЕМИТЕ ОД ГЕОГРАФИЈАТА КАКО И ДА СЕ ЗАПОЗНААТ СО СВЕТСКИТЕ ВЕСТИ И ЗАНИМЛИВОСТИ ОД ГЕОГРАФСКИТЕ СОДРЖИ.

Посети

Thursday, May 21, 2020

Финска

ФИНСКА
Површина: 338 145 км2
Население: 5.5 милиони жители
Главен град: Хелсинки
Официјален јазик: фински и шведски

Географска положба, граници и големина. Финска се наоѓа во Северна Европа, го зазема истоимениот полуостров, а нејзе и припаѓаат околу 30 000 острови. Се граничи на исток со Русија, на север со Норвешка, на запад со Шведска, а на југ со Балтичкото Море и Финскиот Залив. Зафаќа површина од 338 145 км2.
Брегова разгранетост. Бреговата линија изнесува 1250 км, таа е доста расчленета со многу заливи (фјордови) и острови, особено во југозападниот дел. Најголем е Оландскиот Остров, сместен на влезот во Ботничкиот Залив.

Релјеф. Покрај Финскиот и Ботничкиот Залив се простираат крајбрежни низини, внатрешноста на Финска е претежно брановиден терен со ниски ридчиња и многубројни глацијални езера (околу 55 000). Кон север е Лапонија и теренот полека се издигнува, па планинските предели се простираат на крајниот северозапад, каде се издигнува највисокиот врв во Финска, врвот Халтиатун (1324 м).

Клима. Финска има континентална клима, која е делумно ублажена во јужните делови, како и супполарна клима во крајниот северен дел.

Хидрографија. Финска се нарекува земја на езера бидејќи ги има повеќе од 55 000. Најмногу езера има на југ и југоисток на земјата. Најголемо е Сајма, други поголеми езера се Пјеско, Инари, Оулу, Наси, Кеми, Пјелинен и други. Поголеми реки се Кеми, Оулу, Кими, Торнио и др.

Почви и биогеографија. Најплодни се почвите во крајбрежните низини на југ и југозапад, во внатрешноста преовладуваат подзолести почви, а на север тундровите почви. По шумското богатство Финска е една од водечките европски земји (под шума е околу 76 % од површината). Во крајбрежјето на југ растат листопадните шуми, а кон север преминуваат во тајга. На север тајгата преминува во тундра.

Население и населби. Финска има 5.5 милиони жители, просечната густина на населеност е 16 ж/км2 и се вбројува во една од најретко населените европски држави. Најгусто се населени крајбрежните области на југот, а најретко кон север во Лапонија. Жителите се главно Финци (94%) - народ со унагаро-финско потекло, Швеѓани и Лапонци. Според верската определеност жителите претежно се протестанти, но има и православни, католици, евреи и др. Официјални јазици се финскиот и шведскиот јазик.
Главен град е Хелсинки (1 мил.) други поголеми градови се Еспо, Тампере, Турку, Ванта и др.

Државно уредување. Финска е парламентарна република.

Стопанство:
Земјоделство. Финското земјоделство го карактеризира мал дел на обработлива површина. Главни производи се јачмен, зоб, пченица, рж, компир, шеќерна репа и зеленчук. Сточарството е најзначајна земјоделска гранка, најразвиени се млечното и месното производство од говедарството, потоа свињарство и живинарство, а во северните делови од земјата се одгледуваат крзнени животни и ирваси.
Рударство. Иако Финска има сиромашни минерални извори, сепак има големо влијание во глобалната рударска индустрија, како светски лидер во рударската технологија, преработка на руди и металургија.
Индустрија. Главни индустриски центри се на јужниот брег и во внатрешноста. Најзначајни индустриски гранки се металната и машинската, потоа дрвната, бродоградбата, електротехничката, прехрамбената, текстилната, стакларската и други индустрии.
Трговија. Извезува машини и опрема, хемикалии, метали и др, а увезува прехрамбени продукти, железо и челик, машинерија, текстил и др.
Туризам. Финска е туристички помалку посетена земја од соседните Шведска и Норвешка, така што овде преовладуваат домашните туристи. Најпосетени се Оландските Острови, приморските краеви на јужниот и југозападниот брег, езерата во внатрешноста, а развиен е и селскиот туризам.
Сообраќај. Развиени се патниот, железничкиот, бродскиот и воздушниот сообраќај.

No comments:

Post a Comment