СТРАНИЦАТА Е ПОСТАВЕНА ПРВЕНСТВЕНО НА УЧЕНИЦИТЕ ДА ИМ ГО ОЛЕСНИ СОВЛAДУВАЊЕТО НА ТЕМИТЕ ОД ГЕОГРАФИЈАТА КАКО И ДА СЕ ЗАПОЗНААТ СО СВЕТСКИТЕ ВЕСТИ И ЗАНИМЛИВОСТИ ОД ГЕОГРАФСКИТЕ СОДРЖИ.

Посети

Wednesday, May 20, 2020

Норвешка

    НОРВЕШКА

Површина: 323 802 км2
Население: 5.4 милиони жители
Главен град: Осло
Официјален јазик: норвешки





Географска положба, граници и големина. Норвешка се наоѓа во Северна Европа и лежи во западниот дел на Скандинавскиот Полуостров. Се граничи со Русија, Финска и Шведска и излегува на Атлантскиот Океан (Норвешко Море) на запад и Северниот Леден Океан на север. Зафаќа површина од 323 802 км2.
Брегова разгранетост. Оваа држава има најразгранет брег на светот долг 25 148 км и оваа километража се должи на големиот број на фјордови од кои дваесетина се долги над 80 км, додека најдолгиот Сонге е долг 204 км, а длабок 1308 м. Во западното и северозападното крајбрежје се простираат низа од околу 150 000 мали карпести острови, кои градат еден вид островска ограда.
Релјеф. Најголем дел од територијата (околу 70%) заземаат зарамнетите Скандинавски Планини, кои се простираат од југозапад кон североисток во должина од 1750 км. Тука се наоѓа највисокиот врв во Норвешка, Глитертинд (2470м). На крајниот север се наоѓа ниската и пуста низина Финмарк.
Клима. Поради топлата Голфска струја и западните океански ветрови, климата е умерена, што не е карактеристика за една земја што се наоѓа толку далеку на север. Покрај брегот е топла океанска клима, на север има субполарна клима и во внатрешноста, односно на планините е застапена планинската клима.
Хидрографија. Речната мрежа е доста густа, реките се кратки, имаат големи падови со многу брзаци и слапови и обезбедуваат хидроенергија. Најдолга река е реката Глама. Во Норвешка има 50 000 езера, од кои најголемо е езерото Мјоса.
Население и населби. Норвешка има 5.4 милиони жители, просечната густина на населеност е 16 ж/км2 и спаѓа во редот на европски држави со најмала густина на населеност, по Исланд. Најретко населени се северните краеви и високите планински рамнини. Најголема е густината околу фјордот Осло, каде што живее една третина од населението. Поголемиот број од населението го сочинуваат Норвежаните (96%), додека на север живеат Лапонци и Финци. Доминира протестантската религија. Официјален јазик е норвешкиот, а на север од државата се зборува и лапонски (јазик од унгаро-финската група на јазици).
Главен град е Осло (1.милиони) други поголеми градови се Берген, Трондхајм, Ставангер и др.


Државно уредување. Норвешка е парламентарна наследна монархија (кралство).

Стопанство:
Земјоделство. Норвешка има само 3% обработливо земјиште. Главни земјоделски области се во пошироката околина на Осло. Главни култури се житарките, најмногу јачмен, зоб, пченица и компир, а на југ се произведува и зеленчук. Сточарството е една од најважните гранки, а пред се млечното и месното говедарство и овчарство, а во северните делови е развиено и одгледувањето животни поради нивното крзно, како што се поларната лисица и американската куна, ирваси и други.
Рударство. Има железна, титаниумова (Согндал-најголемо лежиште во Европа), бакарна руда и магнезит. По откривањето на нафтата и земјениот гас во Северното Море, почнува и нивна експлоатација.
Индустрија. Норвешка има добро развиена индустрија. Сконцентрирана во пошироката област на Осло, Берген и Трондхајм. Развиени се повеќе индустриски гранки, како црната и обоената металургија, прехранбената, графичката, машинската, металната, дрвната, хемиската, индустријата за хартија и мебел и други.
Трговија. Извезува нафта, машини и опрема, метали, бродови, риба и др, а увезува машини и опрема, прехранбени производи, суровини и друго.
Туризам. Норвешка ја посетуваат околу 4 милиони странски туристи годишно, најмногу од Шведска, САД, Велика Британија и Германија. Најпривлечни се крстарењата по фјордовите, планинарењето, сплаварењето на диви води и скијањето.
Сообраќај. Развиени се патниот, железничкиот, бродскиот и воздушниот сообраќај.

No comments:

Post a Comment