СТРАНИЦАТА Е ПОСТАВЕНА ПРВЕНСТВЕНО НА УЧЕНИЦИТЕ ДА ИМ ГО ОЛЕСНИ СОВЛAДУВАЊЕТО НА ТЕМИТЕ ОД ГЕОГРАФИЈАТА КАКО И ДА СЕ ЗАПОЗНААТ СО СВЕТСКИТЕ ВЕСТИ И ЗАНИМЛИВОСТИ ОД ГЕОГРАФСКИТЕ СОДРЖИ.

Посети

Tuesday, May 26, 2020

Бугарија

ГЕОГРАФСКА ПОЛОЖБА И ГОЛЕМИНА

   Република Бугарија е држава во Јужна Европа, поточно е сместена во источниот дел на Балканскиот Полуостров. Таа на север граничи со Романија, на запад со Македонија и Србија, а на југ со Грција и Турција. На исток Бугарија излегува на Црното Море. Во овие граници Република Бугарија зазема површина од 110 912 км кв (103-то место меѓу државите во светот).

 РЕЛЈЕФ

   Освен во северните делови каде што се протега дунавската долина, Бугарија е претежно планинска земја. Во средишните делови се протега Стара Планина (Балкан), јужно од неа е планината Риласо највисокиот врв на Балканот - Мусала (2 925 м н.в.), додека уште појужно се протега Пирин Планина, на која кон исток се надоврзуваат Родопите. Од низините, покрај долината на реката Дунав каде се простира Долнодунавската Низина, се издвојува и Тракиската Низина, по долината на реката Марица.

КЛИМА

   Климата во Бугарија е разновидна. Сепак најголем дел од земјата се одликува со умерено-континентална клима. Приморската (средоземноморска) е застапена на бреговите на Црното Море, изменето-средоземномоската е карактеристична за долината на реката Марица, а над 1 000 м н.в. е застапена планинската клима.

ХИДРОГРАФИЈА

   Од реките особено значајна е пограничната река со Романија, реката Дунав, која го формира и најголемото сливно подрачје (црноморското), додека во сливот на Егејското Море припаѓаат реките: Марица, Струма и Места. Покрај малиот број на котлински езера, Бугарија се одликува со голем број на леднички езера, на над 2 000 м н.в.

НАСЕЛЕНИЕ

   Денес во Бугарија живеат нешто над 7 милиони жители (над 100-тото место меѓу државите во светот). Интересно за земјата е тоа што после 1990-тите години популацијата континуирано се намалува (тогаш броела околу 9 милиони жители). Тоа се должи на нискиот природен прираст и високите вредности на емиграциските бранови од државата кон други, поразвиени држави од ЕУ. За Бугарија е карактеристичен и високиот удел на старо население (над 60 години), во вкупното население во државата, кој изнесува речиси 20 %. Според етничката припадност во Бугарија најзастапени се Бугарите со околу 85 %, а позастапени малцинства се турското со околу 9 % и ромското со околу 5 %.

 НАСЕЛБИ

   Главен град на Бугарија е градот Софија со над 1 300 000 жители. Други поголеми градови, со над 100 000 жители се: Пловдив, Варна, Бургас, Русе, Стара Загора и Плевен.

СТОПАНСТВО

   Бугарија иако е земја членка на ЕУ се смета дека е земја во развој, односно заостанува зад европскиот просек. Најголем дел од стопанските активности се поврзани со полјоделството и сточарството. Исто така како посебно развиена стопанска гранка се јавува туризмот. Летниот туризам се развива долж Црноморскиот брег (Златни Песоци, Варна, Несебар, Бургас и др.), додека зимски и планински туристички места се развиле на Рила и на Пирин Планина (Боровец, Банско и др.). Бугарија извезува: раноградинарски култури, тутун, овошје, грозје и некои индустриски производи, а увезува: нафта, земјен гас, автомобили, машини и други индустриски производи.

Saturday, May 23, 2020

Дали сте знаеле

Дали знаете кое е највисокото село во Македонија? Тоа е селото Кракорница се наоѓа во горното сливно подрачје на реката Радика, меѓу планините Кораб и Шар Планина. Селото е планинско, на надморска височина од 1.530 м, и се смета за највисоко населено место во Македонија. Оддалечено е 31 км од Гостивар. Атарот на селото зафаќа површина од 8,2 км2. Селото е поврзано со макадамски пат од Богдево, кој понатаму продолжува до селото Бродец. Според последниот попис од 2002 година, во Кракорница имало 15 жители. Во селото имало 3 домаќинства и 16 живеалишта.

Thursday, May 21, 2020

Германија

                                                     ГЕРМАНИЈА

Површина: 357 021 км2
Население: 82 милиони жители
Главен град: Берлин
Официјален јазик: германски




Географска положба, граници и големина. Германија се наоѓа во Средна Европа. Се граничи со Полска и Чешка на исток, со Австрија и Швајцарија на југ, со Франција, Луксембург, Белгија и Холандија на запад, а на север се граничи со Данска и излегува на Северното и Балтичкото Море. Зафаќа површина од 357 021 км2.

Брегова разгранетост. Должината на брегот изнесува 2390 км. Во Северното Море, позначајни се Источнофризиските и Севернофризиските Острови, а во Балтичкото Море, островот Риген, Фемарн и други.

Релјеф. Во поглед на релјефот, Германија е составена, главно од три поголеми макрорелјефни целини, и тоаНизини на север (Северно Германска Низина), Висорамнини во централниот дел (Централна Германска висина) и Високи планини на југ (Јужно Германски планини), а таму доминира планинскиот венец Алпи, со највисокиот врв во Германија - Цугшпиц (2963 м).
Клима. Во северозападните делови има океанска клима, а движејќи се кон југ климата се менува во континентална, а на планините владее планинската клима.

Хидрографија.Поголеми реки сеДунав, Рајна, Мајна, Лаба, Одра, Везер, Мозел, Емс и други. Многу значајни за Германија се долгите речни канали. Најголем од нив е Мителандскиот Канал кој ги поврзува реките Рајна и Лаба. Најголемо езеро во Германија е Боденското Езеро (539 км2).

Население и населби. Германија има 82 милиони жители, просечната густина на населеност е 230 ж/км2. Најгусто се населени просторите по текот на реката Рајна како и подножјето во Централната германска висина, таму се наоѓаат големите градски агломерации, посебно во Рур и Франкфурт и пошироката околина на Штутгард. Планинските предели се многу ретко населени. Населението го сочинуваат Германците со 92%, потоа следуваат Турци, Италијанци, Полјаци и други. Во поглед на верската припадност, 37% се протестанти, 35% се католици, 4% се муслимани, 17% се жители кои не се припадници на верка заедница и 7% се на останатите религии. Официјален јазик е германскиот.
Главен град е Берлин (3.4 милиони), други поголеми градови сеХамбург, Минхен, Келн, Франкфурт, Есен, Штутгард, Дортмунд, Диселдорф, Бремен и други.

Државно уредување. Германија е сојузна парламентарна република.

Стопанство:
Земјоделство. Германија има добро развиено земјоделство, а 33% од нејзината вкупна површина е под обработливо земјиште. Од житните култури најраспространета е ржта (2 во светот), а во централните и јужните делови се одгледува пченица, јачмен (3 во светот), пченка и зоб.  Германија по производството на компирот кој е многу важен продукт во земјата е на седмото место во светот. Од индустриските култури најзастапени се шеќерната репа, маслодајната репа, хмељот, сончогледот и тутунот. Околу градовите се произведува и разновиден зеленчук. Од сточарството доминира говедарството, свињарството и живината. Произведуваат млеко (4 во светот), путер (5 во светот), сирење (3 во светот), месо (5 во светот) итн. Развиени се и овоштарството и лозарството.
Рударство. Основната суровина на германската индустрија отсекогаш биле големите наоѓалишта на квалитетниот камен јаглен и железната руда.
Индустрија. Индустријата во Германија е подеднакво распоредена во речиси сите делови на земјата, сепак доминираат големите индустриски региони како што се Рур, Сар, Берлин, Дрезден, Штутгард, Минхен, Хамбург и Франкфурт. Развиени се сите индустриски гранки, но сепак главни столбови на германската индустријата се машиноградбата, електротехничката, електронската, црната металургија, хемиската, индустријата за прецизна механика и автомобилската индустрија.
Трговија. Има добро развиена трговија, увезува и извезува најразновидна производи, а најголеми трговски партнери на Германија се: Франција, САД,
Туризам. Најатрактивни туристички дестинации во Германија се Берлин, Минхен, Келн, Лајпциг, Лубек и други кои располагаат со многубројни културно-историски знаменитости. Покрај тоа, се одржуваат големи меѓународни саемски манивестации и приредби. Летниот туризам најмногу е развиен во одмаралиштата кои се наоѓаат крај Северното и Балтичкото Море, а пак зимскиот туризам е најразвиен во алпските планински центри.
Сообраќај. Развиени се патниот, железничкиот, бродскиот и воздушниот сообраќај.

Финска

ФИНСКА
Површина: 338 145 км2
Население: 5.5 милиони жители
Главен град: Хелсинки
Официјален јазик: фински и шведски

Географска положба, граници и големина. Финска се наоѓа во Северна Европа, го зазема истоимениот полуостров, а нејзе и припаѓаат околу 30 000 острови. Се граничи на исток со Русија, на север со Норвешка, на запад со Шведска, а на југ со Балтичкото Море и Финскиот Залив. Зафаќа површина од 338 145 км2.
Брегова разгранетост. Бреговата линија изнесува 1250 км, таа е доста расчленета со многу заливи (фјордови) и острови, особено во југозападниот дел. Најголем е Оландскиот Остров, сместен на влезот во Ботничкиот Залив.

Релјеф. Покрај Финскиот и Ботничкиот Залив се простираат крајбрежни низини, внатрешноста на Финска е претежно брановиден терен со ниски ридчиња и многубројни глацијални езера (околу 55 000). Кон север е Лапонија и теренот полека се издигнува, па планинските предели се простираат на крајниот северозапад, каде се издигнува највисокиот врв во Финска, врвот Халтиатун (1324 м).

Клима. Финска има континентална клима, која е делумно ублажена во јужните делови, како и супполарна клима во крајниот северен дел.

Хидрографија. Финска се нарекува земја на езера бидејќи ги има повеќе од 55 000. Најмногу езера има на југ и југоисток на земјата. Најголемо е Сајма, други поголеми езера се Пјеско, Инари, Оулу, Наси, Кеми, Пјелинен и други. Поголеми реки се Кеми, Оулу, Кими, Торнио и др.

Почви и биогеографија. Најплодни се почвите во крајбрежните низини на југ и југозапад, во внатрешноста преовладуваат подзолести почви, а на север тундровите почви. По шумското богатство Финска е една од водечките европски земји (под шума е околу 76 % од површината). Во крајбрежјето на југ растат листопадните шуми, а кон север преминуваат во тајга. На север тајгата преминува во тундра.

Население и населби. Финска има 5.5 милиони жители, просечната густина на населеност е 16 ж/км2 и се вбројува во една од најретко населените европски држави. Најгусто се населени крајбрежните области на југот, а најретко кон север во Лапонија. Жителите се главно Финци (94%) - народ со унагаро-финско потекло, Швеѓани и Лапонци. Според верската определеност жителите претежно се протестанти, но има и православни, католици, евреи и др. Официјални јазици се финскиот и шведскиот јазик.
Главен град е Хелсинки (1 мил.) други поголеми градови се Еспо, Тампере, Турку, Ванта и др.

Државно уредување. Финска е парламентарна република.

Стопанство:
Земјоделство. Финското земјоделство го карактеризира мал дел на обработлива површина. Главни производи се јачмен, зоб, пченица, рж, компир, шеќерна репа и зеленчук. Сточарството е најзначајна земјоделска гранка, најразвиени се млечното и месното производство од говедарството, потоа свињарство и живинарство, а во северните делови од земјата се одгледуваат крзнени животни и ирваси.
Рударство. Иако Финска има сиромашни минерални извори, сепак има големо влијание во глобалната рударска индустрија, како светски лидер во рударската технологија, преработка на руди и металургија.
Индустрија. Главни индустриски центри се на јужниот брег и во внатрешноста. Најзначајни индустриски гранки се металната и машинската, потоа дрвната, бродоградбата, електротехничката, прехрамбената, текстилната, стакларската и други индустрии.
Трговија. Извезува машини и опрема, хемикалии, метали и др, а увезува прехрамбени продукти, железо и челик, машинерија, текстил и др.
Туризам. Финска е туристички помалку посетена земја од соседните Шведска и Норвешка, така што овде преовладуваат домашните туристи. Најпосетени се Оландските Острови, приморските краеви на јужниот и југозападниот брег, езерата во внатрешноста, а развиен е и селскиот туризам.
Сообраќај. Развиени се патниот, железничкиот, бродскиот и воздушниот сообраќај.

Wednesday, May 20, 2020

Норвешка

    НОРВЕШКА

Површина: 323 802 км2
Население: 5.4 милиони жители
Главен град: Осло
Официјален јазик: норвешки





Географска положба, граници и големина. Норвешка се наоѓа во Северна Европа и лежи во западниот дел на Скандинавскиот Полуостров. Се граничи со Русија, Финска и Шведска и излегува на Атлантскиот Океан (Норвешко Море) на запад и Северниот Леден Океан на север. Зафаќа површина од 323 802 км2.
Брегова разгранетост. Оваа држава има најразгранет брег на светот долг 25 148 км и оваа километража се должи на големиот број на фјордови од кои дваесетина се долги над 80 км, додека најдолгиот Сонге е долг 204 км, а длабок 1308 м. Во западното и северозападното крајбрежје се простираат низа од околу 150 000 мали карпести острови, кои градат еден вид островска ограда.
Релјеф. Најголем дел од територијата (околу 70%) заземаат зарамнетите Скандинавски Планини, кои се простираат од југозапад кон североисток во должина од 1750 км. Тука се наоѓа највисокиот врв во Норвешка, Глитертинд (2470м). На крајниот север се наоѓа ниската и пуста низина Финмарк.
Клима. Поради топлата Голфска струја и западните океански ветрови, климата е умерена, што не е карактеристика за една земја што се наоѓа толку далеку на север. Покрај брегот е топла океанска клима, на север има субполарна клима и во внатрешноста, односно на планините е застапена планинската клима.
Хидрографија. Речната мрежа е доста густа, реките се кратки, имаат големи падови со многу брзаци и слапови и обезбедуваат хидроенергија. Најдолга река е реката Глама. Во Норвешка има 50 000 езера, од кои најголемо е езерото Мјоса.
Население и населби. Норвешка има 5.4 милиони жители, просечната густина на населеност е 16 ж/км2 и спаѓа во редот на европски држави со најмала густина на населеност, по Исланд. Најретко населени се северните краеви и високите планински рамнини. Најголема е густината околу фјордот Осло, каде што живее една третина од населението. Поголемиот број од населението го сочинуваат Норвежаните (96%), додека на север живеат Лапонци и Финци. Доминира протестантската религија. Официјален јазик е норвешкиот, а на север од државата се зборува и лапонски (јазик од унгаро-финската група на јазици).
Главен град е Осло (1.милиони) други поголеми градови се Берген, Трондхајм, Ставангер и др.


Државно уредување. Норвешка е парламентарна наследна монархија (кралство).

Стопанство:
Земјоделство. Норвешка има само 3% обработливо земјиште. Главни земјоделски области се во пошироката околина на Осло. Главни култури се житарките, најмногу јачмен, зоб, пченица и компир, а на југ се произведува и зеленчук. Сточарството е една од најважните гранки, а пред се млечното и месното говедарство и овчарство, а во северните делови е развиено и одгледувањето животни поради нивното крзно, како што се поларната лисица и американската куна, ирваси и други.
Рударство. Има железна, титаниумова (Согндал-најголемо лежиште во Европа), бакарна руда и магнезит. По откривањето на нафтата и земјениот гас во Северното Море, почнува и нивна експлоатација.
Индустрија. Норвешка има добро развиена индустрија. Сконцентрирана во пошироката област на Осло, Берген и Трондхајм. Развиени се повеќе индустриски гранки, како црната и обоената металургија, прехранбената, графичката, машинската, металната, дрвната, хемиската, индустријата за хартија и мебел и други.
Трговија. Извезува нафта, машини и опрема, метали, бродови, риба и др, а увезува машини и опрема, прехранбени производи, суровини и друго.
Туризам. Норвешка ја посетуваат околу 4 милиони странски туристи годишно, најмногу од Шведска, САД, Велика Британија и Германија. Најпривлечни се крстарењата по фјордовите, планинарењето, сплаварењето на диви води и скијањето.
Сообраќај. Развиени се патниот, железничкиот, бродскиот и воздушниот сообраќај.