СТРАНИЦАТА Е ПОСТАВЕНА ПРВЕНСТВЕНО НА УЧЕНИЦИТЕ ДА ИМ ГО ОЛЕСНИ СОВЛAДУВАЊЕТО НА ТЕМИТЕ ОД ГЕОГРАФИЈАТА КАКО И ДА СЕ ЗАПОЗНААТ СО СВЕТСКИТЕ ВЕСТИ И ЗАНИМЛИВОСТИ ОД ГЕОГРАФСКИТЕ СОДРЖИ.

Посети

Monday, August 17, 2020

Хрватска

 ГЕОГРАФСКА ПОЛОЖБА И ГОЛЕМИНА 


    Република Хрватска е сместена во западниот дел на Балканскиот Полуостров. Има специфична форма, а се граничи со 5 држави и тоа: Унгарија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Словенија. Југо-западниот дел од државата има долга брегова линија кој што излегува на Јадранското Море. Во овие граници државата зазема површина од околу 56 600 км кв. (126-то место меѓу државите во светот)

БРЕГОВА РАЗГРАНЕТОСТ И РЕЛЈЕФ
​     Брегот на Хрватска е многу разгранет. Од полуостровите најкарактеристичен е Истра, јужно од него се простира Кварнерскиот Залив, во кој се наоѓаат островите: Крк, Црес и Раб. Јужно од нив се простираат островите: Брач, Хвар, Вис, Корчула, Млет и др. 
     Во северните делови државата се одликува со низински релјеф. Тоа е делот од Панонската Низина, кој се нарекува Славонија. Кон југ во Хрватска се простираат повеќе планини, кои не надминуваат 1 800 м н.в. а меѓу нив поголеми се: Голема и Мала Капела, Велебит, Динара и Биоково. Тие се составени од варовнички карпи, па според тоа изобилуваат со пештери и карстни полиња. 

 КЛИМА
    Во Хрватска на брегот е застапена медитеранска клима, а на планините планинска. Помеѓу овие два климатски типови и во Панонската Низина застапена е умерено-континентална клима.

 ХИДРОГРАФИЈА
    Реките во Хрватска припаѓаат на две сливни подрачја. Во Црноморскиот слив припаѓаат реките: Дунав, Драва и Сава, во сливот на Јадранското Море припаѓаат реки со мала должина, од нив позначајнии се: Крка и Цетина.

НАСЕЛЕНИЕ
    Денес во Хрватска живеат околу 4 100 000 жители (на 129-то место во светот). Населението во Хрватска се одликува со намален наталитет и висок удел на старо население, што во комбинација со емиграцијата на работоспособното население, доведува до намалување на бројот на жители во државата. Најголем дел од населението се христијани- католици.
6. НАСЕЛБИ
    Главен и најголем град во Хрватска е Загреб (со околу 800 000 жители). Други поголеми градови се: Сплит, Ријека и Осиек.

 СТОПАНСТВО
    Полјоделството е развиено во посеверните пониски предели, а најмногу се одгледува: пченица, пченка, шеќерна репка, сончоглед и друго. Во Хрватска добро развиено е сточарството (говедарство, овчарство и свињарство). Од индустриските гранки застапени се: прехрамбената, текстилната, хемиската и бродоградбената. Особено значајна стопанска гранка е туризмот. Покрај крајбрежјето на Хрватска, голем број на посетители бележи и градот Загреб, како и Плитвичките Езера.

Грција

 ​ГЕОГРАФСКА ПОЛОЖБА И ГОЛЕМИНА

   Република Грција е држава сместена во најjужниот дел на Балканскиот Полуостров. Таа е островска и полуостровска земја. На север граничи со Македонија и Бугарија, на исток со Турција и на запад со Албанија. Бреговата линија на државата е ограничена од водите на Јонското Море на запад, Средоземното Море на југ и Егејското Море на исток. Во овие граници Република Грција зазема површина од 131 957 км кв. (95-то место меѓу државите во светот). 

 БРЕГОВА РАЗГРАНЕТОСТ И РЕЛЈЕФ

   Брегот на Грција е меѓу најразгранетите во Европа. Него го сочинуваат речиси сите облици на брегова разгранетост. Од полуостровите најголеми се: Халкидик, Атика и Пелопонез, кој со Коринтскиот Канал е претворен во остров. Меѓу заливите најкарактеристични се: Солунскиот, Орфанскиот и Коринтскиот. Од бројните острови поголеми се: Крф, Кефалонија, Крит, Евбеја, Тасос и други, а од островските групи: Киклади и Споради. 
   Грција е претежно планинска земја. Поголеми планини се: Грамос, Пинд, Парнас и Тајгет, а највисокиот врв е на планината Олимп (2 917 м н.в.). Низините зафаќаат значително помала површина, а од нив се издвојуваат: Солунската, Сереската и Тесалија. 

КЛИМА

   Климата во Грција е разновидна, а за најголем дел од нејзината територија (крајбрежниот појас) е карактеристична средоземноморската клима, во северните делови изменето-средоземноморска, а над 1 000 м н.в. е застапена планинската клима.

ХИДРОГРАФИЈА

   Од реките особено значајна се: Бистрица, Вардар, Струма, Места и Марица, сите тие припаѓаат во сливот на Егејското Море, а другите реки се кратки и со помало количество на вода.             

 НАСЕЛЕНИЕ

   Денес во Грција живеат помалку од 11 милиони жители (80-то место меѓу државите во светот). Како и за најголем дел од државите во Европа и за Грција е карактеристичен и високиот удел на старо население (над 65 години), во вкупното население во државата, кој изнесува над 20 %. Според етничката припадност во Грција најзастапени се Грците со околу 85 %, а кон северните делови од државата се застапени малцинства од сите соседни држави (Албанци, Македонци, Бугари и Турци)

 НАСЕЛБИ

   Главен град на Грција е градот Атина, во кој заедно со просторот што го зафаќа целата агломерација живеат над 3 000 000 жители. Други поголеми градови се: Солун (околу 700 000 жители), Патрас, Ираклион, Лариса и др.

 СТОПАНСТВО

   Во полуостровскиот дел од државата главно се одгледува пченица и јачмен, како и памук, сончоглед и тутун, додека во островскиот дел се застапени медитеранските култури: маслинки, лимони, портокали, свокви и грозје. Што се однесува до индустрискиот развој и сеопштиот стопански развој на државата, Грција иако е одамна членка на ЕУ, таа значително заостанува во однос на другите европски земји. Како посебно значајна и развиена стопанска гранка се издвојува туризмот. Топлата клима и долгата брегова линија, со бројните плажи, во комбинација со богатото културно-историско наследство, се причина Грција да биде една од најпосетените туристички дестинации, со посетители од цела Европа. Грција извезува: медитерански култури, тутун и некои индустриски производи, а увезува: нафта, земјен гас, автомобили, машини и други индустриски производи.

Saturday, August 8, 2020

Србија

ГЕОГРАФСКА ПОЛОЖБА И ГОЛЕМИНА

 Република Србија е јужноевропска држава сместена во централниот дел од Балканскиот Полуостров, која кон север се поврзува со регионот Средна Европа. Таа граничи со 8 држави, и тоа: на југ со Македонија, на исток со Бугарија и Романија, на север со Унгарија, на запад со Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Во јужниот дел од Србија се наоѓа и покраината Косово, која во последните неколку години полека ги остварува долгогодишните аспирации за остварување на независност со воспоставување на свои институции и државни симболи, што е резултат и на силната меѓународна поддршка. Во овие граници Република Србија зазема површина од 88 360 км кв. (111-то место меѓу државите во светот). 

РЕЛЈЕФ

    Србија се одликува со разновиден релјеф. Младите планини се застапени во западниот дел, а покарактеристични од нив се: Златибор, Шар Планина и Копаоник. На Шар Планина е и највисокиот врв во државата (2 651 м н.в.). Во Југоисточниот дел се застапени стари планини, кои се дел од Родопските Планини, додека во источниот дел се застапени млади планини, кои се продолжение на Карпатите. Најголема низина во Србија е Панонската Низина, која се состои од три целини: Банат, Бачка и Срем. Од котлинските простори карактеристични се: Нишката и Метохиската. 
КЛИМА

    Најраспросранет тип на клима во Србија е умерено-континенталниот. Покрај него по долината на реката Бел Дрим, во југо-западниот дел од државата е застапена изменето-медитеранската клима. Во Панонската Низина е застапена континентална степска клима, а на планините над 1 000 м н.в. е застапена планинска клима.

ХИДРОГРАФИЈА

    Најголемо значење меѓу реките во Србија има реката Дунав. Таа има голем број на притоки, меѓу кои особено значајни се: Тиса, Сава, Велика Морава и Тимок. Реката Дунав е значајна за: речниот сообраќај, наводнувањето и хидроенергијата (особено кај Ѓердапската Клисура). Освен споменатите реки кои припаѓаат на Црноморскиот речен слив, во сливот на Јадранското Море припаѓа реката Бел Дрим, а на Егејското сливно подрачје реката Лепенец.

НАСЕЛЕНИЕ

    Во Србија денес живеат околу 9 милиони жители (од нив околу 2 милиони на Косово). (Според тоа се наоѓа на 96-то место во Светот). Освен Србите и Албанците (на Косово), во Србија застапени се и некои малцинства, како што се: Унгарци (во Војводина), Роми, Хрвати, Македонци и Бошњаци. Покрај големата концентрација на население во и околу главниот град, со голема густина на населеност се одликуваат и просторите на Панонската Низина и Косово. За населението на Србија карактеристична е и силно изразената емиграција на населението, особено во 90-тите години на XX век, кога се смета дека државата ја напуштиле над 300 000 жители.

НАСЕЛБИ

    Главен и најголем град во Србија е Белград, со над 1 200 000 жители. Други поголеми градови се: Нови Сад, Приштина (на Косово), Ниш, Крагуевац и Суботица.

СТОПАНСТВО

    Од стопанските гранки во Србија особено е развиено земјоделството, посебно во Панонската Низина и по долината на реката Морава, а намногу се одгледува: пченицата, пченката, сончогледот и шеќерната репка. Од индустриските гранки застапении се: прехрамбената, машинската, автомобилската и текстилната. И туризмот зазема свое место во стопанството на Србија, и тоа зимскиот туризам (на Златибор и Копаоник) и бањскиот туризам (Нишка, Врњачка, Врањска и Сокобања)