СТРАНИЦАТА Е ПОСТАВЕНА ПРВЕНСТВЕНО НА УЧЕНИЦИТЕ ДА ИМ ГО ОЛЕСНИ СОВЛAДУВАЊЕТО НА ТЕМИТЕ ОД ГЕОГРАФИЈАТА КАКО И ДА СЕ ЗАПОЗНААТ СО СВЕТСКИТЕ ВЕСТИ И ЗАНИМЛИВОСТИ ОД ГЕОГРАФСКИТЕ СОДРЖИ.

Посети

Saturday, June 20, 2020

Данска

1. ГЕОГРАФСКА ПОЛОЖБА И ГОЛЕМИНА
    Данска се наоѓа во регионот Северна Европа. Се простира на полуостровот Јиланд и на уште околу 500 острови (од кои 108 се населени). Има поволна географска положба и претставува мост помеѓу Северна и Средна Европа. Копнена граница има само со Германија (на југ). Излегува на Северно и на Балтичко Море. Најблиски држави со кои се поврзува по воден пат се Шведска и Норвешка, од кои е раздвоена со протоците Категат и Скагерак. Има површина од околу 43 000 км². На Кралството Данска му припаѓаат и најголемиот остров во светот- островот Гренланд (со околу 50 000 жители) и Фарските Острови (околу 56 000 жители).
2. ПРИРОДНО-ГЕОГРАФСКИ ОДЛИКИ
​     Данска е една од најниските држави во Светот, со просечна надморска височина од само 34 м, нејзината територија всушност е пространа брановидна низина, со највисока точка кај местото Ејер Бавнехе, од само 173 м н.в. Поради големиот број на острови, Данска се одликува со долга брегова линија од 7 314 км. Покрај полуостровот Јиланд, се издвојуваат најголемите острови: Селанд, Фин и Лоланд. За Данска се карактеристични и бројните протоци, мошне значајни за морепловството, од кои покарактеристични се: Скагерак, Категат, Ересунд, Голем и Мал Белт. 
     Климата во Данска е атлантска, се одликува со свежи лета и благи зими. За климата посебно влијание има и влажниот западен океански ветер, кој овозможува да има врнежи во текот на целата година, при што со дожд годишно се одликуваат околу 180 денови. Реките во Данска се кратки и неповолни за пловидба. 
3. НАСЕЛЕНИЕ И НАСЕЛБИ
     Во Данска денес живеат околу 5 800 000 жители, а густината на населеност во државата изнесува 134 ж/км², со што е најгусто населена држава во регионот Северна Европа. Данска, како и најголем дел од државите во Европа, се одликува со големо учество на лицата постари од 65 години. Тој удел изнесува околу 20 %. Според етно-јазичната поделба на населението, Данскиот народ спаѓа во групата на народи Германи. Денес во Данска живеат околу 90 % Данци, додека останатите 10-тина % се: Германци, Пољаци, Турци, Ирачани, Романци итн. Според верската припадност 76 % од населението се декларирало како дел од Данската Протестантска Црква, додека најзастапено религиозно малцинство во Данска е Исламот со околу 4 % од вкупното население.
     Главен, најголем и најнаселен град во Данска е градот Копенхаген. Пошироката околина на градот го претставува и најгусто населениот дел од државата, каде што живеат околу 1/3 од вкупното данско население. Дури 87 % од вкупното население во државата живее во градовите. Други поголеми градови се: Архус, Оденсе и Алборг.
4. СТОПАНСТВО
     Според сите показатели за развојот на стопанството, Данска е една од најразвиените земји во Светот. Околу 75 % од населението работи во услужните дејности, 24 % во индустријата, а само 1 % се занимава со земјоделство. Во Данска најмногу се произведуваат житарици и сточна храна, а се повеќе се одгледува зеленчук и цвеќе во стакленици. Посебно значајно од сточарските гранки е свињарството (13 милиони), а многу не заостануваат и останатите гранки, со што Данска е една од најпрепознатливите земји во Светот по производството на висококвалитетни млечни и месни производи. Данска е најзначајната рибарска држава во ЕУ, располага со 2 700 бродови и годишен улов од над 2 милиони тони (13-та во Светот). По 1950 година, во Данска особено се инвестира во образуванието, истражувачката и научната дејност, со што земјата од земјоделска се преориентирала во индустриска. Поразвиени индустриски гранки се: прехрамбената, машинската (мотори, велосипеди, и земјоделски машини), фармацевтската, индустријата за мебел, хемиската, електротехничката (медицински апарати), текстилната и индустријата за играчки. Данска се одликува со мошне развиен: патен, железнички, воден и воздушен сообраќај. Велосипедот е особено значајно превозно средство.
5. ЗАНИМЛИВОСТИ 
     - Интернетот е многу раширен и има практична примена во Данска. Голем број на професии како: благајник, библиотекар и сл. речиси не постојат, бидејќи се е компјутеризирано, а наплатата на услугите се врши он-лајн.
     - Рекреативниот спорт во Данска е многу раширен меѓу популацијата. Интересно е тоа што термините секој си ги одредува сам, а тој што нема да ги испочитува, задоцни и сл. е должен да плати одредена казна.
     - Излегувањето после 18 часот во Данска се смета за непристојно. Тогаш данците најчесто имаат семејна вечера.
     - Данците се познати како особено штедлив народ. Најчесто пазарат во петок бидејќи тогаш маркетите се со најниски акциски цени. Земањето на кредити од банките е ретка појава  и истите неможат да се подигнат без добра причина.
     - Данците веруваат во терапевтската моќ на спиењето надвор од домот. Па така неретка е сликата пред детските градинки на колкички во кои  има мали деца, кои спијат надвор на различни временски прилики. Во Данска се популарни и шумските градинки, при што децата престојуваат во шумски предели, развивајки ја својата креативност во природна средина.
     - Во Данска земањето на фармацевтски производи, пред се лекови  е вистинска реткост.
     - Бидејќи е северна земја и има поголема потреба од светлина, во Данска многу ретко се користат пердиња, а многу често страните на куќите се само од стакло.
     - Во Данска образованието до завршувањето на факултет и здравствената заштита се бесплатни.
     - Просечната плата во Данска изнесува над 5 000 €.
     - Данска веќе подолго време е држава во која живеат најсреќните луѓе во светот (Македонија е на 95-тото место). Тоа е утврдено според повеќе фактори (здравјето на населението, медицинска нега, чувството на самодоверба, семејни односи, безбедност на работното место, политички слободи, некорумпираност на власта и сл.).
     - Во главниот град на Данска – Копенхаген има повеќе велосипеди од автомобили.
     - Иако е држава во Северна Европа, Данска се одликува со голем број на плажи. За голем број од нив е карактеристичен пејзажот во кој се застапени ветерниците. 

No comments:

Post a Comment