СТРАНИЦАТА Е ПОСТАВЕНА ПРВЕНСТВЕНО НА УЧЕНИЦИТЕ ДА ИМ ГО ОЛЕСНИ СОВЛAДУВАЊЕТО НА ТЕМИТЕ ОД ГЕОГРАФИЈАТА КАКО И ДА СЕ ЗАПОЗНААТ СО СВЕТСКИТЕ ВЕСТИ И ЗАНИМЛИВОСТИ ОД ГЕОГРАФСКИТЕ СОДРЖИ.

Посети

Monday, August 17, 2020

Грција

 ​ГЕОГРАФСКА ПОЛОЖБА И ГОЛЕМИНА

   Република Грција е држава сместена во најjужниот дел на Балканскиот Полуостров. Таа е островска и полуостровска земја. На север граничи со Македонија и Бугарија, на исток со Турција и на запад со Албанија. Бреговата линија на државата е ограничена од водите на Јонското Море на запад, Средоземното Море на југ и Егејското Море на исток. Во овие граници Република Грција зазема површина од 131 957 км кв. (95-то место меѓу државите во светот). 

 БРЕГОВА РАЗГРАНЕТОСТ И РЕЛЈЕФ

   Брегот на Грција е меѓу најразгранетите во Европа. Него го сочинуваат речиси сите облици на брегова разгранетост. Од полуостровите најголеми се: Халкидик, Атика и Пелопонез, кој со Коринтскиот Канал е претворен во остров. Меѓу заливите најкарактеристични се: Солунскиот, Орфанскиот и Коринтскиот. Од бројните острови поголеми се: Крф, Кефалонија, Крит, Евбеја, Тасос и други, а од островските групи: Киклади и Споради. 
   Грција е претежно планинска земја. Поголеми планини се: Грамос, Пинд, Парнас и Тајгет, а највисокиот врв е на планината Олимп (2 917 м н.в.). Низините зафаќаат значително помала површина, а од нив се издвојуваат: Солунската, Сереската и Тесалија. 

КЛИМА

   Климата во Грција е разновидна, а за најголем дел од нејзината територија (крајбрежниот појас) е карактеристична средоземноморската клима, во северните делови изменето-средоземноморска, а над 1 000 м н.в. е застапена планинската клима.

ХИДРОГРАФИЈА

   Од реките особено значајна се: Бистрица, Вардар, Струма, Места и Марица, сите тие припаѓаат во сливот на Егејското Море, а другите реки се кратки и со помало количество на вода.             

 НАСЕЛЕНИЕ

   Денес во Грција живеат помалку од 11 милиони жители (80-то место меѓу државите во светот). Како и за најголем дел од државите во Европа и за Грција е карактеристичен и високиот удел на старо население (над 65 години), во вкупното население во државата, кој изнесува над 20 %. Според етничката припадност во Грција најзастапени се Грците со околу 85 %, а кон северните делови од државата се застапени малцинства од сите соседни држави (Албанци, Македонци, Бугари и Турци)

 НАСЕЛБИ

   Главен град на Грција е градот Атина, во кој заедно со просторот што го зафаќа целата агломерација живеат над 3 000 000 жители. Други поголеми градови се: Солун (околу 700 000 жители), Патрас, Ираклион, Лариса и др.

 СТОПАНСТВО

   Во полуостровскиот дел од државата главно се одгледува пченица и јачмен, како и памук, сончоглед и тутун, додека во островскиот дел се застапени медитеранските култури: маслинки, лимони, портокали, свокви и грозје. Што се однесува до индустрискиот развој и сеопштиот стопански развој на државата, Грција иако е одамна членка на ЕУ, таа значително заостанува во однос на другите европски земји. Како посебно значајна и развиена стопанска гранка се издвојува туризмот. Топлата клима и долгата брегова линија, со бројните плажи, во комбинација со богатото културно-историско наследство, се причина Грција да биде една од најпосетените туристички дестинации, со посетители од цела Европа. Грција извезува: медитерански култури, тутун и некои индустриски производи, а увезува: нафта, земјен гас, автомобили, машини и други индустриски производи.

No comments:

Post a Comment